Tektstov e prevzemen od deneshniot broj na SHPIC i kolumnata na Branko Geroski....ja ne sakam da ostanem u kalta....
Крај на лажниот патриотизам
Бранко ГЕРОСКИ
Овој текст, почитувани читатели, го пишувам пред да биде познат новиот, веројатно последен и ултимативен предлог на медијаторот Метју Нимиц, со кој треба да биде окончан долгогодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Пред два и пол месеца, кога на ова место јавно побарав да прифатиме компромис, бев изложен на жестоки обвинувања и брутални навреди. Но, по реакциите на отвореното писмо што пред некој ден му го упатив на премиерот Никола Груевски, заклучувам дека нештата, полека но сигурно, се менуваат. Веќе не сум осамен. Многу новинари и интелектуалци ја сменија плочата, па денеска смислуваат аргументи за компромис и дебатираат што може, а што не може да се прифати. По нарачка или без, го подготвуваат јавното мислење за неизбежното.
За жал, дебатата се уште се води главно за името „Демократска Република Македонија“, кое се перцепира како најбезболно решение. Нивото на дебатата сведочи за нашата веќе пословична несериозност, за лекоумната поводливост и за недостигот од критичка анализа. Младиот блогер Анастас Вангели им одржа вистинска лекција, изнесувајќи тврда аргументација, така што јас можам само топло да ви препорачам да го прочитате неговиот пост на њњњ.вуна.инфо. Игнорирајќи ги несериозните аргументи на „демомакедонците“, што водат во несериозна дебата, намерата ми е уште еднаш да го оспорам врховниот аргумент со кој оперираат противниците на компромисот - тезата дека прифаќањето ново, сложено меѓународно име на нашата земја го загрозува македонскиот национален идентитет.
Јас го тврдам сосема спротивното: ни домашното ни меѓународното име на нашата држава немаат суштинска врска со нашиот национален идентитет! Тоа е една голема, трагична заблуда и манипулација.
Под кое име направивме јазик, култура и црква?
Несоборлив доказ за ова што го тврдам е нашата сопствена историја. Од нејзиното формирање во 1944 година, па се до денес, Македонија промени неколку имиња, за „домашна“ и за „меѓународна“ употреба. Најголемите успеси во поставувањето на фундаментите на македонскиот национален идентитет ги постигнавме во периодот кога уставното име на Македонија беше Социјалистичка Република Македонија. Тогаш беше кодифициран македонскиот литературен јазик, беа оформени првите македонски научни и културни институции, беше основана Македонската академија на науките и уметностите и беше прогласена автокефалноста на Македонската православна црква.
Во тоа време, на меѓународен план, како и сите поранешни југословенски републики, се идентификувавме со името на заедничката држава - СФР Југославија. Многумина од вас, почитувани читатели, се сеќаваат на тие години. Кога ги напуштавме границите на нашата поширока татковина, ние сите станувавме Југословени - не само по црвениот пасош, кој и формално како такви не идентификуваше, туку и по нашето чувство на припадност кон заедничката држава. А сепак, бевме Македонци. И тоа саглам Македонци! Тој што ќе рече дека тоа не беа години на еруптивен изблик на нашиот национален идентитет и на сестран културен развој на македонската нација, тој е обичен лажго!
Патем речено, во тогашна Југославија имаше и еден комичен обид да се создаде нација на Југословени. Еден мој колега Македонец (кој, како што слушам, сега на сите страни ме оговара и тврди дека сум станал антипатриот), на тогашните пописи се изјаснуваше како Југословен по националност. Но, како што е познато, тој проект пропадна, многу години пред пропаста на Југославија. Знаете ли зошто? Затоа што државите се резултат на стремежот на нациите да се конституираат како државни творби, а не обратно - не произлегуваат нациите од државите. Следствено на тоа, ниту елементите на идентитетот на нациите не произлегуваат од елементите на идентитетот на државите.
Делчев и Карев беа предавници?
Тој што го тврди обратното, дека идентитетот на македонската нација зависи од идентитетот (името) на државата, тој всушност тврди дека македонски национален идентитет и самосвест не постоеле пред појавата на македонската држава. Тој се приклонува кон тезата дека македонската нација е вештачка, коминтерновска творба, создадена заедно со македонската компартија, а потоа и со македонската држава. Уште повеќе, тој што тврди дека идентитетот на нацијата и името на државата се едно, ги негира пројавите на македонска национална самосвест кај сите македонски револуционери од 19 и од 20 век. Делчев, Даме, Питу и другите не се бореле за „република Македонија“ ниту за „независна Македонија“, туку за автономна Македонија, автономна во рамките на друга независна држава. Дали тоа значи дека нивната борба не ја сметаме за македонска? Дали и Карев станал предавник кога првата република на Балканот ја нарекол крушевска, а не македонска?
Кога би била точна тезата дека идентитетот на нацијата се дефинира со идентитетот на државата, многу народи кои и денес немаат свои држави би требало да бидат прогласени за „безидентитетни“. Курдите, на пример, кои ги има најмалку петнаесет пати повеќе од нас, ден денес немаат своја држава. Значи ли тоа дека немаат национален идентитет?
Но, да се вратиме во сегашноста, во ова време и на овој простор. Околу нас, овде на Балканот, има три држави кои имаат меѓународни имиња различни од домашните. За разлика од нас, кои инсистираме во нашето меѓународно име задолжително да се содржи зборот Македонија (и тоа Грците го прифаќаат!), меѓународните имиња на овие три држави целосно се разликуваат од нивните домашни имиња: Хеленската Република за целиот свет е Република Грција, нашиот западен сосед за дома е Шќипериа, а за светот е Република Албанија, додека Хрватска светот ја знае како Кроација. Да биде „пострашно“, Хелените светот ги нарекува Грци, Шќиптарите - Албанци, а Хрватите - Кроати. И никому, ама баш никому, не му текнува дека идентитетот на овие пријателски нации е оспорен.
Има и еден друг ноторен факт, кој често и намерно се заборава: Грција, која го оспорува името Македонија за да направи дистинкција од античка Македонија (на која смета дека има „авторско право“), не го оспорува идентитетот на македонската нација. Но, дури и да го прави тоа, како што тоа го прават кругови во Бугарија, на пример, таа дебата не ќе може да се смета за импактна и релевантна. Зошто? Затоа што никој, ама баш никој, ни во Грција ни во Бугарија ни каде било во светот, себеси не се нарекува Македонец. Македонци, македонски јазик, македонска култура, македонска црква и други елементи на македонскиот национален идентитет постојат и се негуваат само овде, во Македонија. Грците себе си не се нарекуваат Македонци! Бугарите сакаат ние да се нарекуваме Бугари, ама тие себеси не се нарекуваат Македонци! Никој нема намера и ниту може да ни ги оспори или да ни го преземе името македонско, без оглед какво ќе биде сложеното меѓународно име на нашата држава, што ние, се надевам, ќе го прифатиме.
Ќе одиме напред или ќе цапаме во калта?
Да заклучам. Откако Грците се согласија зборот Македонија (како уникатен и вреден бренд) да биде составен дел на сложеното компромисно меѓународно име за нашата земја, за мене спорот за името суштински е завршен и сега се сведува на практично-политичко прашање. Да беа Никола Груевски и Бранко Црвенковски умни, требаше да поведеме иницијатива пред три месеци и сега ќе бевме раат. Тоа ќе беше прагматично и мудро. Денес е прагматично и мудро веднаш да се прифати предлогот на Нимиц, кој - еве, повторувам уште еднаш! - во моментот кога овој текст го пуштам во печат, се уште не ми е познат.
Не треба да се плашиме од компромис. Нашиот национален идентитет и самобитноста на нашата нација нема да бидат загрозени од новото име, кое ќе служи за комуникација меѓу државните чиновници од странство со нашите и во меѓународните форуми. Весниците и понатаму ќе пишуваат за Македонија и за Македонци. Како што веќе напишав многу пати, ние и сега имаме едно грдо меѓународно име (БЈРМ), име кое е полошо од сите нови предлози што ги слушам, а тоа не го спречува светот да не препознава како Македонија и Македонци. Така ќе биде и во иднина. Обратно, нашиот национален идентитет може да го загрози само една самоизолационистичка политика, која може нашата земја да ја остави надвор од евроатлантскиот безбедносен чадор, надвор од економските и цивилизациски текови на модерна Европа, надвор од семејството на среќни и просперитетни нации.
Аман веќе, Македонци мои, доста се расфрламе со лажен патриотизам, со приказни за нашата античка историја, со сонот за некаква обединета и голема Македонија, со заблудите за македонските имоти во Егејска Македонија и со слични романтични будалштини. Погледнете што се случува со нас и околу нас. Додека сите нации од нашето опкружување брзо грабаат напред, веќе живеат подобро од нас и имаат се поголеми шанси, ние сме осиромашени, заборавени и понижени. Сакате да ставиме точка, да ги кренеме главите и да тргнеме напред или - уште да цапаме во калта?
_________________ I'll be Brooklyn till i die!
|