ЈАВНОСТА КАТЕГОРИЧНО ПРОТИВ РАМКАТА НА НИМИЦ
Предлог за уништување на Македонија
Ако со барањето за промена на името сакаа да не понижат, сега со предлозите на Нимиц сакаат да не уништат,вели пратеничката Лилјана Поповска
Откажување од македонскиот јазик, македонската култура, македонските песни... ќе биде кобната последица од предлогот што го подготви посредникот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц, оценија стручњаците - историчари, академици, политичари... Тие категорично ги отфрлаат одредбите од точките 7, 8 и 9 со кои се забранува употребата на зборовите „Македонија“ и „македонски“. Нимиц предлага зборот „Македонија“, самиот по себе, да не се признава како официјално име на нашата држава, а ниту ние ниту Грција да немаме ексклузивни права, политички или економски, врз името „Македонија“ или „македонски“. Шефот на државата Бранко Црвенковски завчера оцени дека посредникот Нимиц со дел од понудата „излезе од мандатот и понуди решенија полоши од досегашните“. Пратеничката Лилјана Поповска, која е и претседателка на Одборот за одбележување на Годината на македонскиот јазик, вчера оцени дека целта на ваквиот предлог е поразна. Ако со барањето за промена на името сакаа да не' понижат, сега со предлозите на Нимиц сакаат да не' уништат. Тоа најотворено се заговара со забраната за слободна употреба на зборовите „Македонија“ и „македонски“. Значи, да нема македонска држава, македонски народ, македонски јазик, македонска култура, македонски песни, па дури ни македонско вино или сирење. Непримерно, непотребно и невозможно. Не случајно токму годинава се одбележува Годината на македонскиот јазик како државен проект. Нападите врз јазикот и слабеењето на неговата употреба во земјава и надвор од неа претставуваат напад врз еден од темелните атрибути на нашиот идентитет и државност - истакна вчера Поповска. Според неа, понуденото е резултат и на нашата дефанзивност во преговорите со Грција.
- Веројатно и нашето скромно дипломатско искуство како независна држава доведе до тоа да пропуштаме шанси за меѓународна афирмација и да станеме заточеници на нерационални барања од страна. Од нас сега се бара компромис, а ние наивно, залудно и предвреме направивме многу компромиси: откажување од македонското малцинство во Уставот, промена на знамето и дозвола Грција да не' нарекува со друго име. Обвинувањата дека имаме претензии кон територијата на Грција се без основа. Напротив, цврсто се залагаме за непроменливост на границите, за градење добрососедски односи и за мирољубива политика како добар партнер во НАТО и во ЕУ - вели Поповска. Воениот историчар Ванче Стојчев смета дека никој нема право да го менува името што постои со векови, односно да бара да не се користи зборот „македонски“.
- Заради сите минати, заради сите идни македонски генерации никој нема право да се согласи со таква отстапка. Од предлогот очигледно произлегува дека ќе немаме право да го користиме терминот „македонски“. Тоа е своевидно самоуништување, кое би го извршиле и со што никако не смееме да се согласиме - истакнува Стојчев. Тој предупредува дека е крајно неприфатливо да се организира референдум за името на земјата.
- Ако се спроведе таков референдум, треба ли на него да се повикаат и тие што своевремено не гласале на референдумот за самостојна држава, тие што не гласале за нејзиниот прв Устав, кои пишувале писма до Брисел да не се признае Република Македонија. Со референдумот, ќе им дадеме шанса да ја остварат целта - предупредува Стојчев. Академик Блаже Ристовски вчера изјави дека ваквите предлози на Нимиц треба веднаш да се одбијат. Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи, меѓутоа, не се согласува дека со предлогот ќе ја загубиме можноста да се користиме со зборовите „Македонија“ и „македонски“. - Од нас и од грчката страна само се бара да немаме ексклузивитет во неговата употреба. Значи, можеме да го користиме, само тоа треба да им се објасни на граѓаните - вели Чашуле.
МПЦ бара македонскиот идентитет да биде загарантиран
Македонската православна црква вчера побара големо внимание во однос на неколку членови од предлогот на Метју Нимиц за решавање на спорот за името. „Внимателноста треба да се насочи особено кон членовите од документот во кои се допира прашањето на употребата на терминот ‘Македонија’, ‘Македонски’, што подразбира неоспорно употребување на термините: ‘македонски народ’, ‘македонски јазик’, ‘македонска црква’, ‘македонска академија’ итн. Ова особено го нагласуваме поради неоспорната можност за изразување на македонскиот национален идентитет, кој треба да биде загарантиран“, соопшти Светиот архијерејски синод на МПЦ.
_________________ http://www.freewebs.com/agato
http://myspace.com/agatodemon
[email protected]
|